ПРВ.мк
Македонија

За осум месеци кошницата поскапе за над 2.000 денари – еве колку сега троши едно домаќинство

За осум месеци кошницата поскапе за над 2.000 денари – еве колку сега троши едно домаќинство

Просечната потрошувачка кошница во август 2026 година изнесувала 58.475 денари, покажуваат пресметките на Министерството за економија и труд.

Во споредба со јули, вкупните месечни трошоци се зголемиле за 29 денари, додека издатоците за храна и пијалаци се намалиле за 255 денари.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ја претстави и новата методологија според која институцијата ќе ја следи реалната потрошувачка на домаќинствата.

Според него, целта е да се добие пореална и потранспарентна слика за тоа колку навистина трошат граѓаните.

Методологијата се темели на официјални статистички податоци, пазарни цени и реално остварената потрошувачка на домаќинствата.

Потрошувачката кошница опфаќа 11 категории, меѓу кои храна и пијалаци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.

Во пресметките се користат податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, информации од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

Податоците покажуваат дека во јануари годинава просечната кошница изнесувала 56.381 денар, додека во август достигнала 58.475 денари.

Тоа претставува зголемување од околу 2.095 денари, односно 3,7 проценти за осум месеци.

Дурмиши се осврна и на разликата меѓу пресметката на Министерството и синдикалната минимална потрошувачка кошница.

Синдикалната кошница за август изнесувала околу 68.676 денари, што е за повеќе од 10.000 денари над пресметката на Министерството.

Според министерот, разликата произлегува од различниот начин на пресметување.

Тој објасни дека синдикалната кошница се базира на проценети потреби и содржи трошоци како кирија, алкохол и цигари, додека државната методологија ја следи просечно остварената потрошувачка на домаќинствата.

Кај храната и пијалаците, Министерството за август пресметало трошок од 21.132 денари, додека во синдикалната кошница оваа категорија изнесувала 25.032 денари.

Разлики постојат и кај домувањето, облеката и обувките, образованието и комуникациите.

Дурмиши нагласи дека целта не е да се води натпревар чија кошница е повисока или пониска, туку граѓаните да добијат јасна слика што точно мери секоја од методологиите.

Министерството најавува дека и во следниот период ќе продолжи со следење на движењето на цените, особено кај основните прехранбени производи, како и со подготовка на мерки насочени кон заштита на животниот стандард и куповната моќ.