Просечните цени на земјоделските производи во Европската Унија во 2025 година бележат раст од околу три проценти на годишна основа, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат. Движењата на цените значително се разликуваат по категории, при што кај одредени производи е забележан силен пораст, а кај други изразен пад.
Најголемо поскапување е евидентирано кај живата говеда, чии цени се зголемиле за 26 проценти во споредба со минатата година. Веднаш зад нив се јајцата со раст од 23 проценти. Умерено зголемување е регистрирано и кај овошјето и млекото, со пораст од по 10 проценти, како и кај живината, каде цените се повисоки за девет проценти.
Цената на млекото на годишно ниво пораснала во речиси сите земји членки на Европската Унија, со исклучок на Грција, каде што е забележан пад од три проценти. Најизразен раст на цените на млекото е забележан во Данска, каде што тие се зголемиле за 21 процент, потоа во Естонија со 20 проценти, како и во Литванија и Чешка, каде порастот изнесува 17 проценти.
Од друга страна, одредени земјоделски производи бележат значително поевтинување. Цените на маслиновото масло се намалиле за дури 37 проценти на годишно ниво, додека компирите, вклучително и семенскиот компир, се поевтини за 22 проценти. Намалување е регистрирано и кај живите свињи, за околу шест проценти, како и кај житарките, каде падот изнесува еден процент.
Во исто време, трошоците за стоките и услугите што се користат во земјоделското производство – таканаречените влезни материјали – исто така се зголемиле, но многу умерено, за помалку од еден процент, наведуваат податоците објавени на веб-страницата на Евростат.
















