ПРВ.мк
Балкан

Јадранот никогаш не бил потопол на почетокот на јули? Морето достигнува температури како среде август

Јадранот никогаш не бил потопол на почетокот на јули? Морето достигнува температури како среде август

Топлотниот бран што ја зафати Европа силно влијае и врз Јадранското Море, каде што на одредени локации температурата на водата се приближува до 29 степени Целзиусови.

Според податоците на хрватските метеоролошки служби, најтопло е измерено кај Мљет, каде што температурата на морето достигнала 28,6 степени. Високи вредности се регистрирани и долж поголем дел од хрватското крајбрежје.

Експертите предупредуваат дека невообичаено топлото море не е само добра вест за капачите. Долготрајните високи температури можат да предизвикаат нарушување на морските екосистеми, намалување на кислородот во водата, појава на алги и ширење на инвазивни морски видови.

Според европската програма „Коперник“, Медитеранот веќе бележи рекордно високи температури за овој период од годината, а научниците предупредуваат дека климатските промени сè почесто носат вакви екстремни појави.

Доколку топлотниот бран продолжи и во наредните недели, се очекува Јадранот дополнително да се загрева, што би можело да има последици не само за природата, туку и за туризмот и рибарството.