Нова голема анализа предупредува дека бебињата под две години не треба редовно да користат мобилни телефони, таблети, телевизори или други екрани, бидејќи тоа може да влијае врз нивниот развој.
Според истражувачите, во првите две години од животот децата најмногу учат преку контакт со родителите, разговор, игра, движење и истражување на околината, а не преку дигитални содржини.
Експертите посочуваат дека честото изложување на екрани може да биде поврзано со послаб јазичен развој, нарушен сон, намалена интеракција со родителите, пренадразнетост и создавање навика мобилниот да се користи како средство за смирување.
Во препораките се нагласува дека телефоните и таблетите не треба да ја заменат комуникацијата, играта и вниманието што му се потребни на детето во овој чувствителен период.
Иако експертите признаваат дека современиот начин на живот им создава дополнителен притисок на родителите, пораката е јасна – најдобрата „содржина“ за едно бебе се времето, гласот и присуството на неговите најблиски.







