Патниците на железничките станици во Белград се соочуваат со хаос и неизвесност, откако железничкиот сообраќај е во прекин веќе четири дена поради дојави за поставени експлозивни направи.
На станиците на „Беовоз“ биле залепени рачно напишани известувања дека возовите не сообраќаат до понатамошно известување, а граѓаните се упатени да ги следат објавите на интернет-страницата на „Србијавоз“. Последното официјално соопштение е објавено на 31 октомври, кога возовите ненадејно запреле, а продажбата на билети била стопирана.
Телефонската линија на кол-центарот е постојано зафатена, а граѓаните се незадоволни поради недостаток на информации и неповратени средства за веќе купените билети.
Од „Србијавоз“ соопштија дека прекинот е предизвикан од дојави за поставени експлозивни направи на сите пруги и возови во земјата. Истражните органи сè уште го утврдуваат потеклото на дојавите, а засега нема информации кога сообраќајот ќе биде повторно воспоставен.

















