Дописникот на Македонската радио-телевизија во Белград, Оливер Бранковиќ, денеска бил физички нападнат во српската престолнина, а полицијата започнала потрага по напаѓачот.
Според неговото сведоштво, инцидентот се случил додека седел во кафуле со пријател. Како што раскажува, непознат маж со куче од расата питбул му се доближил, а по кратка расправија околу кучето, ситуацијата ескалирала и напаѓачот го удрил во лицето.
Бранковиќ истакнува дека не возвратил и веднаш го пријавил случајот во полиција. Тој нагласува дека нападот не е поврзан со неговата новинарска работа, ниту со национални или политички причини.
„По 14 години како дописник во Србија, не верував дека вакво нешто може да ми се случи во Белград“, напиша Бранковиќ, додавајќи дека полицијата реагирала брзо и професионално.
За инцидентот е објавена и видео-снимка, а истрагата за пронаоѓање на напаѓачот е во тек.








