Потпретседателката на унгарската влада и министерка за надворешни работи, Анита Орбан, изјави дека Будимпешта нема намера да ја менува својата политика кон војната во Украина и дека нема да испраќа оружје за Киев.
Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Орбан нагласи дека унгарската влада ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош, но не и воена поддршка.
„Нашата политика по ова прашање останува непроменета. Унгарските гласачи ни дадоа мандат да не испраќаме оружје, туку да помагаме на други начини, со хуманитарна помош и санкции“, изјави Орбан.
Таа посочи дека едно од најважните прашања во односите меѓу Унгарија и Украина останува положбата на унгарското малцинство во украинскиот регион Закарпатија.
Според неа, Будимпешта ја поддржува европската перспектива на Украина, но само доколку земјата ги исполни сите услови што важат за секој кандидат за членство во Европската Унија.
„Го поддржуваме членството врз основа на заслуги и во согласност со методологијата за пристапување во ЕУ. Секоја држава мора да ги исполни истите критериуми, бидејќи тоа е прашање на кредибилитетот на Европската Унија“, истакна Орбан.
Осврнувајќи се на односите со Русија, таа рече дека Унгарија сака да одржува прагматични односи со Москва, засновани на принципот на суверенитет меѓу државите.
„Сакаме многу прагматичен однос со Москва, помеѓу суверени држави“, нагласи таа.
Во делот посветен на домашната политика, Орбан оцени дека по промената на власта Унгарија е „повторно во Европа“. Таа ги отфрли критиките од опозициските партии и организациите за човекови права за наводен притисок врз институциите и уставните измени, тврдејќи дека владата продолжува да гради општество засновано на владеење на правото.










