Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја потресе трансатлантската алијанса со својата изјава на платформата Truth Social, поврзана со Гренланд. По објавата од Белата Куќа дека се разгледуваат „низа опции“ за преземање на данската територија, вклучително и можност за користење на војската, Трамп напиша:
„Ние секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не бидат тука за нас.“
Тој истакна дека многу земји членки на Алијансата до неодамна не ги исполнувале обврските за воени трошоци, сè додека тој не се вмешал. „САД, глупаво, плаќаа за нив! Јас, со почит, ги доведов до 5% од БДП-то, И ТИЕ ПЛАТИЈА, веднаш“, нагласи Трамп, истовремено потенцирајќи дека Русија и Кина „немаат никаква страв од НАТО“ без САД како активен дел од алијансата.
Реакции од Европа и историјата на Гренланд Намерата на Трамп да ја преземе минерално богатата територија предизвика загриженост кај европските членки на НАТО. Данската премиерка Мете Фредериксен јасно соопшти дека не се согласуваат на било каква ситуација која би ги загрозила Данска и Гренланд. „Ако САД одлучат воено да нападнат друга земја од НАТО, тогаш сè запира“, додаде таа, повикувајќи се на статусот на Гренланд како дел од НАТО преку Данска.
Историјата покажува дека интересот на САД за Гренланд датира од 1867 година, кога првпат сериозно се разгледувала можноста за купување на територијата. Данска прогласила суверенитет над островот во 1921 година, а за време на Втората светска војна, американските сили ја окупирале територијата за да го заштитат рудникот Криолит, оставајќи ја воено под контрола дури и по враќањето на островот под данска власт.
Во 1951 година, САД и Данска потпишале договор кој овозможува на Вашингтон и на НАТО да ја користат територијата за воени цели, со цел „подобрување и прилагодување за воена употреба“.
Сегашните закани на Трамп ја оживеаја оваа повеќе од 150-годишна амбиција на Вашингтон, со што се отвора нова точка на триење во рамките на Алијансата и ја загрижуваат европската политика за регионалната безбедност.
















