Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека 2026 година ќе биде година на реформи, со завршување на започнати проекти и пуштање во функција нови објекти во различни сектори, вклучувајќи градежништво, образование, енергетика, економија и земјоделство.
– Оваа година ќе биде година на големи и крупни чекори. Имаме јасен план и агенда, граѓаните и бизнисот не треба да се грижат бидејќи Владата работи според однапред подготвени решенија за сите потенцијални проблеми, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на новата градинка „Сончогледи“ во општина Гевгелија.
Тој потсети дека ова е четврта нова градинка што се отвора од почетокот на годината, односно за само осум дена четири градинки се веќе функционални, со целосен персонал и опрема.
– Така продолжуваме и понатаму со пуштање во функција објекти за детска заштита, училиштата, спортски сали и базени, додаде Мицкоски, најавувајќи дека кон крајот на месецот ќе бидат ставени во функција уште неколку училишта и градинки.
Премиерот нагласи дека сите ветени проекти преку Министерството за локална самоуправа се во интензивна реализација и дека Владата континуирано работи на нивното завршување и ставање во функција.














