Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека вредноста на синдикалната минимална кошница за декември изнесува 65.492 денари, што претставува зголемување од 319 денари во споредба со ноември, кога таа изнесуваше 65.173 денари.
Доколку во пресметката се вклучи и трошок за изнајмување стан од 60 квадратни метри, вкупната сума потребна за месечен живот достигнува 80.867 денари, информираат од ССМ.
Според деталната анализа, најголемиот дел од буџетот оди за храна и пијалаци, за кои во декември се потребни 23.640 денари. Значителни средства се издвојуваат и за образование – 7.159 денари, како и за станарина, вода, струја и греење – 6.130 денари.
Трошоците за облека и обувки изнесуваат 5.875 денари, за транспорт 4.636 денари, за ресторани и хотели 4.131 денар, за комуникации 3.417 денари, додека за лична хигиена и одржување на домаќинството се потребни 2.620 денари.
Во меѓувреме, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најави дека од 1 јануари Владата, покрај синдикатите, ќе започне и со сопствена пресметка на просечна потрошувачка кошница. Таа ќе се однесува на минимум четиричлено семејство и ќе биде предмет на разгледување на седницата на Економско-социјалниот совет, закажана за 22 декември.
Како што посочи Ристески, во владината анализа ќе бидат вклучени податоци од најголемите трговски ланци во земјата, цените на основните прехранбени производи, како и регионалните разлики. При пресметката ќе се зема предвид и сезонската достапност на овошје и зеленчук, со цел да се добие што пореална слика за трошоците на едно просечно македонско семејство.
















