ПРВ.мк
Топ Вести

Пожарите излегуваат од контрола: Франција ја ангажира армијата, Шпанија прогласи вонредна состојба (ФОТО)

Пожарите излегуваат од контрола: Франција ја ангажира армијата, Шпанија прогласи вонредна состојба (ФОТО)

Шумските пожари што беснеат во Франција и Шпанија предизвикаа масовни евакуации, при што повеќе од 220.000 жители беа принудени да ги напуштат своите домови поради опасноста од огнената стихија.

Во Франција, властите наредија евакуација на околу 60.000 жители од подрачјето во близина на Бордо, додека вкупниот број на евакуирани во регионите Жиронд и Ланд достигна околу 200.000. Поради сериозноста на ситуацијата, францускиот претседател Емануел Макрон ја ангажираше и армијата за поддршка на спасувачките и противпожарните операции.

Во соседна Шпанија, состојбата исто така е критична. Големите пожари западно од Мадрид се споиле во еден огромен пожар, кој според властите во моментов е надвор од контролата на пожарникарите. Владата прогласи национална вонредна состојба, а околу 25.000 луѓе добија наредба за евакуација. Дополнително, на речиси 40.000 жители им беше препорачано да останат во своите домови и да избегнуваат излегување.

Претседателката на автономната заедница Мадрид, Изабел Дијас Ајусо, оцени дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил регионот. Таа посочи дека екстремно високите температури, силниот ветер и истовременото ширење на повеќе пожарни фронтови создале исклучително тешки услови за гаснење.

Според службите за итни случаи, огнот се движи кон општините Робледо де Чавела и Фреснедиљас де ла Олива, кои се наоѓаат на околу 50 километри од Мадрид. Надлежните предупредуваат дека директна интервенција на најкритичните делови од пожарот засега не е можна, па напорите се насочени кон заштита на населените места и ограничување на неговото понатамошно ширење.