Манастирите на Света Гора преземаат дополнителни мерки за заштита од шумски пожари, воведувајќи современи системи за надзор со дронови поради зголемениот ризик што го носат високите летни температури и густата вегетација.
Според грчките медиуми, новата технологија овозможува многу побрзо откривање на евентуални пожари, што им дава можност на противпожарните служби да реагираат навреме и да спречат поголеми штети.
Командантот на противпожарната служба на Света Гора, Василејос Псалтидис, изјавил дека подготовките за сезоната започнале уште напролет. Тогаш биле проверени шумските патишта, водоснабдителната мрежа и плановите за заштита, а секој манастир добил обврска самостојно да ја следи и одржува својата околина.
Манастирот Ватопед веќе има воспоставено 24-часовен воздушен надзор со приватно управуван дрон, а во близина на Скитот на Свети Димитриј е формирана посебна база од која дроновите можат веднаш да полетаат доколку се појави опасност.
Во исто време, манастирот Хиландар најави поставување видеонадзор и три детектори за чад, со цел пожарите да бидат откриени уште во најрана фаза. Ватопед, пак, располага и со доброволна противпожарна единица составена од 23 обучени членови подготвени за брза интервенција.
Во текот на противпожарната сезона, која трае од 1 мај до 31 октомври, на Света Гора е забрането палење отворен оган. За ова правило се известуваат сите поклоници уште при пристигнувањето на полуостровот, преку информативни табли поставени на пет јазици. Покрај гаснењето пожари, спасувачките екипи се грижат и за безбедноста на посетителите и планинарите кои се искачуваат кон врвот Атон.







