Силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи, град и урагански налети на ветер погоди повеќе делови од Грција, оставајќи зад себе значителна материјална штета и стотици интервенции на спасувачките служби.
Најпогодени беа областите Атика, Тесалија, Евија, Пелопонез, Епир и делови од северна Грција, вклучувајќи го и Халкидики. Националната опсерваторија во Атина регистрирала десетици илјади молњи за време на невремето.
Една од најсериозните штети е забележана во Макракоми, во областа Фтиотида, каде што силниот ветер целосно откорнал покрив од објект и го однел на околу 100 метри од местото. При падот биле соборени столбови од електричната мрежа, а оштетени биле и неколку паркирани автомобили. Ветерот уриваше дрвја, превртуваше контејнери и разнесуваше предмети низ улиците.
Проблеми беа регистрирани и во Ново Психико, каде електричен столб паднал врз возила, како и во Пиреја, каде што се урнало скеле врз трамвајска пруга. Во двата случаи нема информации за повредени лица.
Интензивен град го зафати и предградието Илион во Атина, каде што многу возачи морале да ги запрат возилата поради намалената видливост. Град паѓал и во Тирнавос и Еласона, каде улиците и земјоделските површини за кратко време побелеле. На планината Олимп, пак, било забележано и летно провејување снег.
Според грчките служби за итни случаи, од петокот попладне до саботата наутро биле примени околу 940 повици за интервенции, меѓу кои отстранување паднати дрвја, испумпување вода и санирање на штети.
Поради опасните временски услови, жителите на Лариса, Фтиотида, централна и северна Евија, како и на островот Скирос, добиле предупредувања преку системот 112 со препорака да го ограничат движењето и да бидат особено внимателни.







