Македонска државјанка со иницијали С.С. (46) е приведена во Црна Гора под сомнение дека намерно усмртила куче со автомобил во Улцињ, соопштија црногорските полициски власти.
Според информациите, случајот бил пријавен во петокот попладне, кога сопственикот на животното изјавил дека лице кое управувало бел „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички намерно го прегазило неговото куче.
По пријавата, полицијата веднаш започнала потрага по возилото. Осомничената била пронајдена околу еден час подоцна на граничниот премин „Сукобин – Муриќани“, каде, според полицијата, се обидувала да ја напушти Црна Гора. По нејзиното приведување била спроведена криминалистичка обработка.
За настанот било известено Основното државно обвинителство во Улцињ, кое оценило дека постојат основи за сомнение за кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“. Осомничената во законскиот рок ќе биде изведена пред надлежен обвинител.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави видео за кое се тврди дека го прикажува инцидентот. Дел од црногорските медиуми, повикувајќи се на неофицијални извори, објавија дека во близина било пронајдено уште едно угинато куче, за кое се тврди дека ѝ припаѓало на осомничената. Според истите извори, тоа претходно било усмртено од кучето што подоцна било прегазено. Овие информации засега не се официјално потврдени од полицијата или обвинителството.
По случајот се огласи и невладината организација „Пријатели на животните“, која побара темелна истрага и соодветно санкционирање на евентуалните одговорни лица во согласност со законите на Црна Гора за заштита на животните.
ВИДЕОТО СО ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА!
Извор: republika.mk







