ПРВ.мк
Македонија

Денес е празникот на Богородица Троеручица – еве зошто оваа икона е една од најпочитуваните во православието

Денес е празникот на Богородица Троеручица – еве зошто оваа икона е една од најпочитуваните во православието

Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица, една од најпочитуваните светини во православниот свет, чија историја е поврзана со бројни чуда и вековна духовна традиција.

Според црковното предание, иконата му припаѓала на свети Јован Дамаскин, познат бранител на почитувањето на светите икони во VIII век. Поради лажни обвинувања, нему му била отсечена десната рака. Во молитва пред иконата на Богородица тој побарал помош, а според преданието, Пресветата Богородица чудесно му ја исцелила раката. Во знак на благодарност, Јован изработил сребрена дланка и ја прикачил на иконата, по што таа го добила името „Троеручица“.

По заминувањето во манастирот на свети Сава Освештен, иконата останала таму сè до XIII век, кога му била предадена на свети Сава, првиот српски архиепископ. Така Троеручица пристигнала во Србија, а подоцна, според преданието, била донесена и во Скопје за време на крунисувањето на цар Душан.

Во периодот на османлиските освојувања, монасите ја ставиле иконата на магаре и ја препуштиле на Божја волја. Животното самостојно стигнало до манастирот Хиландар на Света Гора, каде што иконата била пречекана со голема чест.

Според монашкото предание, подоцна, во време на несогласувања околу изборот на игумен, иконата трипати чудесно се појавувала на игуменскиот трон. Монасите тоа го сфатиле како знак дека самата Богородица е духовна игуманија на манастирот. Поради тоа, и денес во Хиландар не се избира игумен, туку само проигумен, додека иконата Троеручица останува симбол на духовното раководство и благословот на манастирот.