ПРВ.мк
Топ Вести

Ноќна акција на ЦУК и МВР: Романски државјанин цела ноќ лутал низ Матка - еве каде го пронајдоа!

Ноќна акција на ЦУК и МВР: Романски државјанин цела ноќ лутал низ Матка - еве каде го пронајдоа!

Романски државјанин кој се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка е успешно пронајден по повеќечасовна координирана спасувачка акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи.

Од ЦУК информираа дека повикот за помош бил примен преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 21:55 часот. Според пријавата, лицето се изгубило во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.

Веднаш по добивањето на информацијата, ЦУК ги известил Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со цел што побрзо да започне спасувачката акција.

Преку постојана телефонска комуникација со туристот, операторите на ЦУК успеале да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците добиени преку повикот на бројот 112.

На изгубениот маж му било препорачано да остане на местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќните услови, непристапниот терен и неговата дезориентираност, тоа било најбезбедното решение и ја олеснило спасувачката акција.

Во потрагата биле вклучени припадници на МВР од Единицата за видео надзор и реконструкција при СВР Скопје, како и полициски службеници од Полициската станица Сарај, во тесна координација со Центарот за управување со кризи.

Поради непристапниот терен од страната на Матка, спасувачките екипи пристапиле до локацијата преку Националниот парк „Јасен“.

Во акцијата со теренско возило учествувал и директорот на ЦУК, Мухамед Али, кој им давал поддршка на полициските тимови на терен.

По неколкучасовна потрага, романскиот државјанин бил пронајден во 03:45 часот.

Од ЦУК соопштија дека тој бил видно вознемирен и дезориентиран, но во стабилна здравствена состојба.

По успешната акција, туристот бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи ги презело понатамошните постапки согласно законските процедури, бидејќи станува збор за странски државјанин.