Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција обвини дека во периодот на владеење на Зоран Заев и СДСМ, судството било ставено под директна политичка контрола.
Според него, тогашната власт одлучувала кој ќе биде гонет, а кој ќе остане на функција, при што судиите и обвинителите се бирале по критериум на послушност, а не на закон и интегритет. Манасиевски тврдеше дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на политички прогон, а притисоците се проширувале и врз нивните семејства.
Тој се осврна и на случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, посочувајќи дека поранешниот врховен судија Ристо Катевеновски јавно говорел за притисоци и разрешување поради непостапување по, како што рече, политичка директива.
Манасиевски порача дека сведоштвата кои излегуваат во јавноста отвораат сериозни сомнежи за поврзаност меѓу тогашната власт и одредени одлуки во правосудството и повика Јавното обвинителство да постапи.

















