На висорамнината Витачево, во Кавадаречко, беа пронајдени два угинати примерока на црн и бел мршојадец, кои спаѓаат во загрозени видови во Македонија, објавија од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Македонското еколошко друштво (МЕД). На теренот беа присутни државен инспектор за животна средина и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои ги презедоа птиците за понатамошни лабораториски анализи на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје, со цел да се утврдат причините за угинувањето.
Во близина на мршојадците беше пронајдена и угината крава, која со механизација беше закопана на лице место. Исто така, на локацијата беа присутни неколку кучиња кои јаделе од телото на кравата.
Македонските екологисти биле алармирани од колегите од Бугарија, кои преку ГПС-локатор забележале дека едниот мршојадец не се движи и постоело сомневање дека е угинат. По пристигнувањето на терен, било потврдено дека се работи за два угинати мршојадци, угината крава и присуство на кучиња.
На местото на настанот беа и претставници на НВО „Л’Аквиља“ од Кавадарци и од ОВР Кавадарци, кои случајот го пријавиле во Основното јавно обвинителство – Кавадарци за отворање предистражна постапка.
Минатата пролет, Македонското еколошко друштво објави дека бројот на белоглави мршојадци во Македонија се зголемил на 20 двојки, главно во колониите во Тиквешко и на Витачево. Белоглавиот мршојадец е социјален вид што живее во колонии на тешко достапни карпи. Покрај Тиквешијата, го има и во Демиркаписката Клисура, додека претходно беше присутен и во Велешко, кај клисурите Пешти и Макаревац, но таму исчезнал поради труење.
Истражителите ќе ја утврдуваат причината за смртта на птиците, при што постои сомнеж за можно труење, со што се очекува нови мерки за заштита на овие загрозени видови.

















