ПРВ.мк
Топ Вести

БЕЗБЕДНОСТ НА ПРВО МЕСТО: Водно и Матка добиваат постојана спасителна служба - ова е контактот за помош!

БЕЗБЕДНОСТ НА ПРВО МЕСТО: Водно и Матка добиваат постојана спасителна служба - ова е контактот за помош!

Планинска спасителна служба наскоро ќе биде постојано достапна на Водно и во Кањонот Матка, со цел побрза реакција при несреќи и навремено укажување помош на граѓаните и посетителите.

Проектот го реализира Град Скопје во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека бил презентиран тимот за подготвеност и дејствување при катастрофи. Во рамки на презентацијата била изведена и симулациска вежба за спасување на повредено лице во планински услови.

Според најавите, преку организирани дежурства спасителите ќе обезбедуваат прва помош, спасување, евакуација и безбеден транспорт на лица повредени во тешко пристапни терени.

Членовите на тимот ќе поминуваат редовни обуки и симулациски вежби со цел постојано подобрување на нивната подготвеност и ефикасност при интервенции.

Дополнително, на Водно и во Кањон Матка ќе бидат поставени пунктови каде посетителите бесплатно ќе можат да го проверат крвниот притисок, а ќе се спроведуваат и едукативни активности за безбедно движење во природа, превенција од пожари и зачувување на животната средина.

Ѓорѓиевски посочи дека за проектот е обезбеден буџет кој е двојно поголем од минатата година, што, според него, ќе овозможи набавка на подобра опрема, поголема подготвеност на спасувачите и поквалитетна помош за граѓаните.

Сите посетители кои ќе се најдат во итна ситуација на Водно или во Кањон Матка ќе можат да побараат помош преку дежурниот телефон 072/269-876 или преку електронската адреса [email protected].