ПРВ.мк
Топ Вести

Случајот што ја вознемири јавноста добива нов тек: Ова е државата што ќе ја преземе истрагата за летот на „Рајанер“!

Случајот што ја вознемири јавноста добива нов тек: Ова е државата што ќе ја преземе истрагата за летот на „Рајанер“!

Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (NTSB) ќе ја предводи истрагата за сериозниот инцидент со авионот „Боинг 737-800“ на компанијата „Рајанер“ (Malta Air), кој се случи во воздушниот простор над Северна Македонија.

Од Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) информираа дека, согласно Анекс 13 на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), било доставено барање истрагата да биде делегирана на американскиот NTSB.

Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, потврди дека македонски претставници ќе бидат дел од истражниот тим што ќе работи под раководство на американската институција.

„Во истрагата предводена од NTSB ќе учествуваат и претставници на КИНСИВ“, изјави Прпоски за МИА.

Тој посочи дека веднаш по добивањето на информацијата за инцидентот, кој бил пријавен вчера во 13:20 часот, КИНСИВ постапил согласно меѓународните воздухопловни процедури и ги известил надлежните институции.

За случајот биле информирани Француското биро за истраги и анализи на безбедноста на цивилното воздухопловство (BEA), Грчката агенција за истраги на несреќи и сериозни инциденти, американскиот NTSB и ICAO.

Што се случи со авионот на „Рајанер“?

Според информациите од авиокомпанијата „Рајанер“, авионот „Боинг 737-800“ кој летал на линијата FR1879 од Солун кон германскиот град Меминген бил принуден да се врати назад на аеродромот во Солун кратко по полетувањето.

Причината за враќањето бил сериозен инцидент во воздух, при кој се откачил прозорец покрај едно од патничките седишта.

Во инцидентот полесно бил повреден еден патник, кој по слетувањето добил медицинска помош.

Од компанијата соопштија дека авионот безбедно се вратил на аеродромот во Солун, а патниците биле пренесени назад во терминалната зграда.

„За да се минимизира доцнењето, обезбеден беше заменски авион кој ги превезе патниците до Меминген. Летот полета од Солун утринава во 9:35 часот по локално време“, соопштија од „Рајанер“.

Инцидентот привлече големо внимание бидејќи се случил над воздушниот простор на Северна Македонија. Истражителите сега треба да утврдат што точно довело до оштетувањето на авионот – дали причината е технички дефект, структурен проблем или друг фактор поврзан со леталото.