Поранешниот врховен судија Наќе Георгиев доби дополнително намалување на затворската казна, откако Апелационен суд Скопје го прифати неговото барање за условен отпуст и донесе правосилна одлука.
Со оваа одлука, Георгиев нема да остане во затвор до мај 2027 година, туку ќе биде ослободен веќе летово, по издржани околу две години и два месеци од казната.
Претходно, Кривичен суд Скопје му ја намалил казната со можност да излезе во септември, но тој поднел жалба, по што Апелација дополнително ја скратила казната за уште два месеци.
Во својата жалба, Георгиев навел дека имал примерно однесување во затвор, ги почитувал правилата, како и дека има 63 години и нарушено здравје – аргументи кои судот ги прифатил.
Дел од казната тој веќе ја издржувал во олеснет режим – работел како магационер, излегувал преку ден и се враќал навечер, а користел и викенд-отсуства.
Инаку, Георгиев склучи спогодба со обвинителството во случај поврзан со примање мито од 10.000 евра, при што прифати тригодишна затворска казна и забрана за вршење јавна функција во период од три години.










