ПРВ.мк
Топ Вести

МУНДИЈАЛОТ ВЛЕГУВА ВО ЗАВРШНА БИТКА - Ова се двете селекции вечерва што се борат за место во полуфиналето!

МУНДИЈАЛОТ ВЛЕГУВА ВО ЗАВРШНА БИТКА - Ова се двете селекции вечерва што се борат за место во полуфиналето!

По формирањето на првата полуфинална пресметка меѓу Шпанија и Франција, вечерва ќе биде познат и вториот пар кој ќе се бори за место во големото финале на Светското првенство 2026.

Фудбалските возбудувања продолжуваат со два големи четвртфинални натпревари. Први на терен излегуваат Англија и Норвешка во 23:00 часот, додека во 03:00 часот по полноќ ќе се соочат актуелниот светски шампион Аргентина и Швајцарија.

Победниците од овие два дуели ќе обезбедат полуфинална пресметка меѓу себе и ќе продолжат во борбата за најважниот трофеј во светскиот фудбал.

Англија влегува како фаворит во дуелот со Норвешка, но Норвежаните веќе покажаа дека можат да изненадат. Предводени од Ерлинг Халанд и останатите свои ѕвезди, тие успеаја да го елиминираат Бразил и сега со голема самодоверба го очекуваат новиот предизвик.

„Гордиот Албион“ долго чека на нова светска титула, а англиската јавност се надева дека оваа генерација конечно може да го прекине долгогодишниот пост и да стигне до трофејот што последен пат го освои во 1966 година.

Во вториот натпревар, бранителот на титулата Аргентина ќе се соочи со Швајцарија. Иако „гаучосите“ ја имаат улогата на фаворити, нивниот пат до четвртфиналето не беше воопшто лесен.

Аргентина во претходните натпревари против Зеленортските Острови и Египет се соочи со сериозни проблеми, а пласманот понатаму го обезбеди по продолженија и тешки пресврти.

Швајцарија, пак, покажа голема борбеност во досегашниот дел од турнирот. Во осминафиналето успеа да ја елиминира Колумбија по изведување пенали и сега бара ново големо изненадување против актуелниот шампион.

Со оглед на квалитетот на сите четири селекции, фудбалските фанови очекуваат драматична вечер во која ќе бидат познати последните полуфиналисти на Мундијалот 2026.