Иранските бродови развиле нова тактика за да ја заобиколат американската блокада во Ормускиот Теснец, објавува Bloomberg. Според информациите, маршрутата е внимателно осмислена за да се избегне директна конфронтација со американските сили.
Бродовите најпрво се движеле кон брегот на Фуџаира во Обединети Арапски Емирати, по што го менувале курсот кон североисток, приближувајќи се до иранското крајбрежје. Клучниот момент во маневарот бил преминот меѓу островите Ларак и Кешм, што им овозможило влез во Персискиот Залив без директно да се изложат на контрола.
Паралелно со овие движења, реториката од Иран дополнително се заострува. Воениот советник Мохсен Резаи упати сериозна закана, предупредувајќи дека сите бродови на Соединетите Американски Држави во регионот може да бидат цел.

Тој нагласи дека американските воени пловила се во дострел на иранските балистички ракети и порача дека Техеран нема намера да попушти во преговорите. Според него, за разлика од Вашингтон, Иран е подготвен за долготраен конфликт.
Овие случувања дополнително ја зголемуваат тензијата во еден од најважните светски енергетски коридори, низ кој поминува значителен дел од глобалниот транспорт на нафта. Секое нарушување на безбедноста во овој регион има потенцијал да предизвика сериозни последици врз светската економија и цените на енергенсите.










