Министерството за внатрешни работи соопшти дека во наредниот период родителите ќе можат да извадат одобрение за патување во странство за малолетни лица и во сабота, покрај редовното работно време во текот на работната недела.
Од МВР информираат дека мерката се воведува поради очекуваниот зголемен број барања во пресрет на летната сезона и патувањата во странство.
Според соопштението, шалтерот за издавање „Одобрение за патување во странство за малолетни лица“ во Одделението за управни работи – Скопје, сместен во зградата на МРТВ, ќе работи од понеделник до петок од 08:00 до 18:00 часот.
Дополнително, услугата ќе биде достапна и во сабота од 08:00 до 12:00 часот, со цел навремено да се одговори на потребите на граѓаните.
Одобрението се однесува на деца до 14-годишна возраст и е потребно во случаи кога малолетник патува во странство без еден или без двајцата родители, согласно важечките законски процедури.
Од Министерството нагласуваат дека продолженото работно време е воведено за да се олесни постапката и да се избегнат гужви во периодот кога традиционално се зголемува бројот на барања за ваков вид документи.









