Управата на Националниот парк „Маврово“ соопшти дека спортскиот риболов започнува од 1 февруари 2026 година и ќе трае до крајот на октомври.
На Мавровско Езеро, риболовот е дозволен до 31 мај само за време на викенди и државни празници, а по овој период ќе може да се риболови секој ден. Сите видови риби се дозволени за лов, освен пастрмката, која е во период на природен мрест.
На реката Радика и нејзините притоки, дозволените денови за спортски риболов се петок, сабота, недела и државни празници, додека во летните месеци јули и август риболовот е дозволен секој ден.
За риболов на територијата на НП „Маврово“ е потребна риболовна дозвола и легитимација за спортски риболов со платена членарина за тековната година.
Цените на дозволите се:
- Дневна дозвола: 300 денари
- Годишна дозвола: 5.000 денари
- Годишна дозвола за ученици, студенти и пензионери: 3.000 денари
- За месното население: половина од редовните износи
Дозволите можат да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови или онлајн на веб-сајтот на паркот.
Националниот парк апелира до сите риболовци да ги почитуваат законските забрани, дозволените видови, број и минимална големина на уловот.

















