Кога украинските беспилотни летала во текот на јуни ги погодуваа целите во Москва, нападите не го привлекоа вниманието само поради драматичните снимки кои ги преплавија социјалните мрежи. Заедно со нападот на нафтениот терминал кај Санкт Петербург, повторно се разоткрија слабостите на руската противвоздушна одбрана, и покрај тврдењата на Министерството за одбрана дека се соборени илјадници дронови и пофалбите од Кремљ на сметка на одговорот на безбедносните сили.
Воените експерти укажаа дека одбраната од дронови кои доаѓаат од повеќе правци бара исклучително добра координација во рамките на интегрираниот систем за противвоздушна одбрана на Русија, што, според нивните оцени, не функционирало како што треба. Меѓутоа, нападите, покрај можните воени слабости, разоткрија и длабоки противречности во начинот на кој руските власти управуваат со кризите, пишува во својот авторски текст Андраш Тот-Чифра, политички и безбедносен аналитичар и соработник на американскиот Институт за надворешнополитички истражувања (Foreign Policy Research Institute).
Во впечатлива паралела со упадот на украинската војска во Курската област во 2024 година, претседателот Владимир Путин долго време не се огласи јавно по повод нападите. На денот на ударот врз рафинеријата Капотња, тој престојуваше во Казан на самитот Русија–АСЕАН, а за настаните не зборуваше со денови. Кога конечно ѝ се обрати на јавноста, одговорноста ја префрли на Европа, обвинувајќи ја дека ѝ помага на Украина во изведувањето на нападите со дронови и предупредувајќи на последици.
По нападите врз Москва, најголемите руски телевизии не известуваа за нив во дневните информативни емисии. Наместо тоа, медиумите блиски до власта се фокусираа на предупредувањата дека снимањето на дроновите е казниво, настојувајќи да го ограничат ширењето на снимките од настаните кои жителите на Москва можеа да ги видат со сопствени очи. Логиката на таквиот пристап, наведува авторот, е јасна: бирократијата управува со јавниот наратив, додека безбедносните служби ги контролираат информациите и спроведуваат репресивни мерки. Признавањето на грешките на самиот врв на власта се смета за премногу ризично во персонализираниот авторитарен систем.
Системот овозможува одговорноста лесно да се префрли на други
Според неговата оцена, рускиот систем на власт не е едноставна хиерархија во која Кремљ издава наредби, а пониските нивоа безпоговорно ги извршуваат. Станува збор за модел во кој надлежностите намерно се преклопуваат, конфликтите меѓу институциите се одржуваат под контрола, а нејаснотиите претставуваат составен дел од начинот на управување.
Во мирнодопски околности таквиот модел поттикнува корупција и неефикасност, но истовремено обезбедува одреден степен на стабилност бидејќи претседателската администрација останува краен арбитер, спречува создавање на премногу моќни ривали и прибира информации од различни центри на моќ. Меѓутоа, во сериозни кризи истиот систем овозможува одговорноста лесно да се префрли на други, додека останува нејасно кој всушност би требало да ги носи клучните одлуки.
За цивилните функционери ризикот од преземање одговорност е исклучително висок. Иако одлучувањето е централизирано, управувањето со кризите главно им е препуштено на регионалните власти, кои често немаат ниту доволно пари, ниту поттик однапред да се подготват за вонредни ситуации. Оние кои сепак ќе се изложат во јавноста, неретко се соочуваат со можност за кривична одговорност, додека припадниците на безбедносниот апарат главно остануваат заштитени.
Жртвување на локалните лидери
Авторот потсетува дека во последните години високи функционери од Курската, Белгородската и Брјанската област беа кривично гонети поради корупција поврзана со изградбата на одбранбени утврдувања, иако веројатно не очекуваа дека ќе се покаже колку војската била неспремна. Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, избегна затвор, но неговата политичка кариера е сериозно нарушена по неговото противење на ограничувањата на интернетот, и покрај тоа што успешно управуваше со кризните ситуации.
Истовремено, регионалните функционери и бизнисмените со вреден имот сè почесто се на мета на безбедносните служби и истражните органи. Во изминатите две години засилени се постапките против заменик-гувернери и регионални министри поради корупција, додека преку бран на национализација во државна сопственост премина имот вреден околу 86,8 милијарди долари, често врз основа на обвиненија кои претходно се сметаа за прифатлива деловна практика.
Сличен шаблон беше видлив и за време на нападите врз Москва. Градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм го објавуваше бројот на соборени дронови, додека Министерството за одбрана изнесуваше импресивни податоци за неутрализираните летала. Истовремено, речиси и да немаше видливо цивилно кризно управување. Жителите на Капотња не добија јасни упатства како да се заштитат, ниту пак возачите беа навремено известени за да се избегнат метежите на бензинските пумпи по гласините за недостиг на гориво.
Авторот заклучува дека давањето предност на безбедносните служби во однос на цивилната администрација, сузбивањето на неконтролираните информации наместо отворената комуникација со граѓаните и префрлањето на одговорноста не се пропусти на поединци, туку последица на систем кој е токму така осмислен за да ја зачува позицијата на врвот на власта. Во повеќето случаи, смета тој, системот функционира онака како што е замислен, без оглед на цената што поради тоа ја плаќаат обичните граѓани.
Како што кризите се намножуваат, буџетските притисоци растат, а правилата за распределба на одговорноста стануваат сè понејасни, авторот очекува дека ќе има сè помалку функционери подготвени да преземат иницијатива и ризик да бидат прогласени за одговорни за неуспесите.








