Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ, по повод две години од работата на Владата, изнесе сериозни тврдења дека зад дел од последните јавни провокации стои организирана и однапред осмислена кампања, која според него има јасна политичка позадина.
Тој оцени дека во период кога Владата е фокусирана на клучни реформи и реконструкција, одредени политички фактори се обидуваат да наметнат теми кои, како што рече, не се во интерес на граѓаните и не се прифатливи за македонската јавност. Според неговата изјава, станува збор за поширок обид за влијание кој не е случаен, туку внимателно планиран.
„Ниски страсти и организирана кампања се забележуваат во овој период. Ние сме зафатени со реконструкцијата, а слободниот простор го користат еден или двајца политички ликови за промоција на нешто што никој не може да го прифати. Ова е поширок обид за влијание“, изјави Мицкоски.
Во своето обраќање, премиерот нагласи дека во политиката ретко верува во случајности, повикувајќи се и на совет од дипломат со долгогодишно искуство, според кого, како што пренесе, доколку нешто изгледа како случајност, најчесто зад него стои претходно планирање.
„Ако некогаш помислиш дека работите во политиката се случиле случајно, верувај дека не е така, туку само не си бил информиран што некој претходно планирал“, рече премиерот.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Мицкоски посочи дека бугарските политички структури и понатаму се повикуваат на одредени протоколи кои, според него, ја условуваат работата на заедничката историска комисија до моментот на пристапување на Македонија во Европската Унија.
Тој исто така потсети на претходни изјави на бугарски политички лидери поврзани со историски прашања, нагласувајќи дека Македонија мора внимателно и стратешки да пристапува кон секоја меѓународна обврска.
„Кога ќе ставите потпис, мора да знаете на што ставате потпис и да ги предвидите можните предизвици. Кога некој ќе каже да го смениме Уставот, прашањето е што потоа. Нашата цел не е само да ја започнеме трката, туку да ја завршиме“, порача Мицкоски.
Според премиерот, Владата ќе продолжи со пристап базиран на, како што наведе, мудрост, тактика и долгорочна стратегија, со цел да се надминат проблемите кои произлегуваат од, како што ги опиша, погрешни чекори од минатото.






