Во Хаг заврши судењето против поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, во постапката во која е обвинет за откривање на идентитетот на заштитени сведоци, попречување на правдата и непочитување на судот. Пресудата ќе биде соопштена дополнително.
Во завршните зборови обвинителството побара Тачи да биде осуден на шест години затвор, додека неговата одбрана тврдеше дека обвинението не успеало да ја докаже вината и побара ослободителна пресуда.
Според обвинението, 58-годишниот Тачи во текот на летото и есента 2023 година на лица кои го посетувале во притворот во Хаг им го откривал идентитетот на шестмина заштитени сведоци од неговото главно судење. Обвинителите тврдат и дека преку посетителите испраќал инструкции за тоа како одредени сведоци треба да сведочат.
Заедно со Тачи во постапката се обвинети и Фадил Фазлиу, Исни Килај, Башким Смакај и Хајредин Кучи. Обвинителството побара по три години затвор за Фазлиу, Килај и Смакај, а девет месеци за Кучи.
Според обвинителството, дел од посетителите на Тачи во притворот подоцна требало да ги пренесат неговите пораки и инструкции до сведоците. Обвинителите тврдат дека целта била да се влијае врз нивните искази во главната постапка за воени злосторства.
Главната обвинителка Кимберли Вест во завршниот збор оцени дека Тачи се обидел да ја попречи постапката преку влијание врз сведоците. Како дел од доказниот материјал, обвинителството во судницата презентирало и снимки од разговори за кои тврди дека ги поткрепуваат обвиненијата.
Одбраната, пак, ги отфрли овие тврдења и остана на ставот дека во текот на судењето не биле презентирани доволно докази за осудителна пресуда.
Овој процес е одвоен од главното судење во кое Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со периодот 1998–1999 година. И во таа постапка тие се сметаат за невини сè додека судот не донесе правосилна пресуда.
Судот дополнително треба да го соопшти датумот на кој ќе биде изречена пресудата во постапката за попречување на правдата.






