ПРВ.мк
Свет

Се подготвува голема промена за децата на интернет: Без проверка на возраста нема пристап до платформите

Се подготвува голема промена за децата на интернет: Без проверка на возраста нема пристап до платформите

Европската Унија подготвува голем пакет нови правила за заштита на децата на интернет, со кој би се вовела задолжителна проверка на возраста и значително построги услови за пристап на малолетниците до социјалните мрежи, видеоплатформите, четботовите со вештачка интелигенција и онлајн игрите.

Според нацрт-документ на Европската комисија во кој увид имал „Ројтерс“, пакетот е наречен „EU Kids Act“, а предвидува различно ниво на пристап до дигиталните услуги во зависност од возраста на детето.

Според предложениот модел, корисниците кои наполниле 15 години би можеле самостојно да отвораат профили. Децата на возраст од 13 и 14 години би можеле да користат воведни профили отворени со помош на родител, со задолжителен родителски надзор, ограничен број контакти и временски ограничувања.

За децата од три до 12 години контролата врз профилите би била целосно во рацете на родителите, а пристапот би бил ограничен на услуги со високи стандарди за безбедност и содржини приспособени за деца. За најмалите, под тригодишна возраст, нацртот предвидува целосно ограничување на пристапот до ваквите услуги.

Задолжителна проверка на возраста

Една од најголемите промени се однесува на начинот на кој платформите ќе утврдуваат дали корисникот ја исполнува потребната старосна граница.

Социјалните мрежи и платформите за споделување видеа би морале да ја проверуваат возраста при отворање профил, додека платформите за онлајн игри би имале обврска да го направат тоа пред преземањето на играта.

Предлогот предвидува и дополнителни обврски за технолошките компании. Од нив би се барало да избегнуваат дизајн и механизми што поттикнуваат прекумерно користење, да обезбедат подобри алатки за родителска контрола и да овозможат едноставен начин на кој децата ќе можат да пријават штетна содржина.

Предвиден е и посебен надомест што компаниите би го плаќале за финансирање на надзорот и спроведувањето на новите правила.

Сепак, правилата сè уште не се конечни. Европската комисија не ги коментирала деталите од нацрт-документот, а промени се можни пред неговото официјално претставување.

Потоа предлогот треба да помине низ преговори со земјите членки и Европскиот парламент пред евентуално да стане закон, што значи дека новите ограничувања сè уште не се во сила.