Министерството за финансии анализира дали актуелните промени на глобалните пазари ќе наметнат потреба од уште еден ребаланс на државниот Буџет или дополнителните потреби ќе можат да се покријат преку пренамена на веќе предвидените средства.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека во периодот кога се подготвувал претходниот ребаланс економските услови биле постабилни, додека најновите случувања бараат дополнителни анализи. Конечна одлука засега нема.
Според податоците заклучно со 10 септември, буџетските приходи генерално се реализираат во согласност со планираното, иако одредени отстапувања се забележуваат кај приходите од акцизи.
Кај увозните давачки е забележан раст од речиси 10 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека приходите од ДДВ се зголемени за 10,4 проценти. Истовремено, повратот на ДДВ е повисок за 10,1 процент, односно за околу 2,5 милијарди денари.
Според министерката, позитивни движења има и кај данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите.
До крајот на неделата Министерството за финансии треба да одржи состанок со претставници на Царинската управа и Управата за јавни приходи. По анализата на податоците и нивните процени ќе се одлучува дали ќе биде предложен нов ребаланс или ќе се пристапи кон пренамена на постојните буџетски средства.
Димитриеска-Кочоска посочи дека евентуален втор ребаланс во една година не би бил преседан, бидејќи вакви ситуации имало и претходно во периоди на криза.
Засега не се разгледуваат други мерки, а според министерката нема промени ниту во планот за задолжување, кој останува во рамките утврдени со актуелниот ребаланс.







