На 3 октомври, по сила на закон, истекува едногодишниот притвор на Дејан Јованов, првообвинет во судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Поради тоа, неговата одбрана најави дека во текот на неделава ќе достави предлог за гаранција во имот, со цел во понатамошниот тек на постапката на Јованов да му бидат определени мерки на претпазливост.
На последното рочиште, одржано во судницата во затворот Идризово, адвокатката Ивана Коцевска побара од Судот да овозможи посета на нотар. Јованов треба да завери изјава со која ќе даде согласност за оптоварување на имотот што одбраната планира да го понуди како гаранција.
„По сила на закон на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон“, изјави Коцевска, додавајќи дека гаранцијата треба да обезбеди сигурност дека обвинетиот ќе биде достапен на Судот во текот на понатамошната постапка.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го води предметот, исто така посочила дека едногодишниот притвор мора да заврши, нагласувајќи дека тоа не е резултат на вина ниту на одбраната, ниту на Судот.
Одбраната ја оспорува правната квалификација
Коцевска појасни дека одбраната не дала признание на вина бидејќи ја оспорува правната квалификација на делото и постоењето умисла.
Според ставот на одбраната, кај Јованов може да постои одговорност од небрежност, но не и на начинот на кој делото е квалификувано во обвинението. За конечната кривична одговорност и правната квалификација ќе одлучува Судот.
Судењето сè уште во доказна постапка
Судскиот процес продолжува со изведување докази. Во моментов се испрашуваат градежните вештаци од Градежниот факултет при УКИМ кои го подготвиле вештачењето за Обвинителството.
По нивниот распит треба да започне изведувањето на доказите предложени од одбраната.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.





