ПРВ.мк
Македонија

ГАК формира комисија по сведоштвото на родилката: Клиниката отфрла дел од нејзините наводи

ГАК формира комисија по сведоштвото на родилката: Клиниката отфрла дел од нејзините наводи

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје формира интерна комисија која треба да го разгледа случајот со медицинската сестра Љубица Шавреска, која јавно проговори за третманот што го добила во повеќе здравствени установи пред нејзината бременост да заврши со загуба на плодот.

Од ГАК отфрлаат дел од нејзините наводи и тврдат дека за време на престојот пациентката добила соодветна терапија и во ниту еден момент не била во животозагрозувачка состојба. Според Клиниката, таа си заминала на сопствено барање, спротивно на советот на лекар.

Директорката на ГАК, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, во одговор доставен до „Скопје1“ навела дека Шавреска била примена на 10 септември во 03:22 часот, во 24+2 гестациска недела, со заканувачко предвремено породување и скратено грло на матката со присутен „фанелинг“.

Според Клиниката, за време на хоспитализацијата биле направени трансабдоминален ултразвучен преглед на плодот, постелката и околуплодовата течност, како и трансвагинален ултразвучен преглед на грлото на матката. Биле направени и лабораториски анализи, а било назначено и микробиолошко испитување за уринокултура.

Од ГАК велат дека потоа била ординирана симптоматска и токолитична терапија, согласно протоколот за заканувачко предвремено породување.

Клиниката наведува дека при приемот пациентката пријавила болки во стомакот, додека при вагиналниот преглед било забележано „оскудно темно-црвено крварење“.

Овие наводи се разликуваат од јавното сведоштво на Шавреска, која тврдеше дека за време на престојот болките станале неподносливи и дека започнала обилно да крвари. Таа исто така тврдеше дека не знаела каква терапија прима и дека повеќепати барала лекарска помош.

Поради различните тврдења за текот на лекувањето, случајот ќе биде предмет на разгледување од интерната комисија за контрола на квалитетот на ГАК.