ПРВ.мк
Свет

Европскиот парламент ќе расправа за величањето на Ратко Младиќ во Србија

Европскиот парламент ќе расправа за величањето на Ратко Младиќ во Србија

Европскиот парламент утре ќе расправа за величањето на воените злосторства и осудените воени злосторници во Србија, во контекст на неодамнешниот погреб на Ратко Младиќ, кој беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото.

Според информациите наведени во најавата за дебатата, повод за расправата се реакциите по погребот на Младиќ во Белград, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.

Младиќ почина на 84-годишна возраст додека ја издржуваше доживотната затворска казна во притворската единица на Обединетите нации во Хаг.

Во пресудите на меѓународните судови тој беше прогласен за виновен, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница во 1995 година, каде што беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Според информациите пренесени во медиумите, во Србија првично имало најава дека погребот ќе биде организиран со државни и воени почести, но плановите подоцна биле изменети по реакции од европски претставници. Погребот на 7 септември формално го организирало семејството на Младиќ.

На него присуствувале и претставници на српската власт, додека претседателот Александар Вучиќ не присуствувал лично.

Прашањето за односот кон осудените воени злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам подолго време е предмет на критики во контекст на европскиот пат на Србија.

Утрешната дебата во Европскиот парламент треба повторно да го отвори прашањето за величањето на осудени воени злосторници и неговата усогласеност со вредностите што Европската Унија ги бара од земјите кандидати за членство.