ПРВ.мк
Македонија

Пожари низ Македонија: 14 регистрирани за еден ден, еден сè уште активен

Пожари низ Македонија: 14 регистрирани за еден ден, еден сè уште активен

Во Македонија до 18 часот денеска биле регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи. Од нив, 12 се изгаснати, еден е ставен под контрола, а еден сè уште е активен.

Активниот пожар е на територијата на Општина Крушево, во близина на селото Борино, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола е пожарот во Општина Македонски Брод, на подрачјето Дабова Дупка – Јасен, во близина на селото Белица, на локацијата Кајорец. Таму огнот зафатил нискостеблеста и мешана борова шума.

Во текот на денот биле изгаснати пожари во повеќе делови од земјава. Во Куманово горела ниска вегетација на улицата „Илиевски“, додека во велешкото село Иванковци била зафатена шума. Во струшкото село Мороишта, пак, горела ниска вегетација.

Интервенции имало и во Македонски Брод, Могила, Свети Николе, Струмица, Босилово и Ново Село, каде што гореле ниска вегетација, стрништа и диви депонии.

Пожари биле регистрирани и на улицата „Брсјачка Буна“ во Шуто Оризари, како и во населбата Јака – Марино во Општина Илинден.

Според пресекот на ЦУК, состојбата се однесува на пожарите регистрирани до 18 часот на 14 септември.