ПРВ.мк
Свет

Грција подготвува голема промена за странците кои купуваат станови и куќи – ќе ги погоди и Македонците

Грција подготвува голема промена за странците кои купуваат станови и куќи – ќе ги погоди и Македонците

Грција планира значително да го зголеми данокот при купување стан или куќа за дел од странските државјани, а доколку најавените правила бидат усвоени во оваа форма, тие ќе ги опфатат и македонските граѓани кои немаат соодветен статус на долгорочен престој.

Според досега објавените информации, од 1 јули 2027 година за физички лица од земји надвор од Европската Унија и Европскиот економски простор се планира данокот за пренос на недвижност да се зголеми од сегашните 3 на 15 проценти.

Станува збор за еднократен данок што се плаќа при пренос на сопственоста, а не за редовниот годишен данок на имот.

Најавената промена би можела значително да ги зголеми трошоците за купување. На пример, доколку даночната основа за стан изнесува 200.000 евра, при стапка од 3 проценти данокот е 6.000 евра. Со стапка од 15 проценти, истиот трошок би достигнал 30.000 евра.

За недвижност со даночна основа од 400.000 евра, разликата би била уште поголема – од 12.000 на 60.000 евра.

Според информациите објавени во грчките медиуми, повисоката стапка треба да се однесува на купување станови и куќи од физички лица од трети земји. Купувачите од ЕУ и ЕЕП, како и странците со признат статус на долгорочен жител, не би биле опфатени.

Отворени остануваат и повеќе прашања, меѓу кои третманот на купувањата преку компании и трансакциите поврзани со програмата „Златна виза“.

Најавата веќе предизвикува загриженост во грчкиот сектор за недвижности поради можноста повисоките трошоци да ја намалат побарувачката од странски инвеститори.

Сепак, станува збор за најавена мерка, а конечните правила, исклучоците и точниот опфат ќе бидат познати по објавувањето и усвојувањето на законскиот текст.