ПРВ.мк
Свет

Нова објава на Трамп го раздвижи светскиот пазар: Русија и Украина постигнале договор

Нова објава на Трамп го раздвижи светскиот пазар: Русија и Украина постигнале договор

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Русија и Украина постигнале договор за прекин на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура.

„Украина се согласи дека нема да ги напаѓа руските енергетски објекти. Русија се согласи да го направи истото“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.

Американскиот претседател во истата објава оцени дека растот на цените на дизелот во светот во голема мера е последица на војната меѓу Русија и Украина, а не на конфликтот со Иран.

Објавата следува откако Трамп претходно го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги запре нападите врз руските капацитети за производство на гориво. Украина во изминатиот период изведуваше напади врз руски рафинерии и друга енергетска инфраструктура, додека и украинскиот енергетски систем повеќепати беше цел на руски напади.

Киев ги оправдува нападите врз руските рафинерии со образложение дека тие се поврзани со финансирањето и логистиката на руските воени операции.

Објавата на Трамп доаѓа во период на голема нестабилност на светските енергетски пазари. Цените на нафтата остануваат високи и поради ризиците за снабдувањето од Блискиот Исток и намалениот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Дополнителен притисок врз пазарот предизвика и прекинот на саудискиот нафтовод Исток–Запад по напад со дронови, што ја зголеми загриженоста околу алтернативните рути за извоз на нафта.

Засега објавата за договорот доаѓа од Трамп, а останува да бидат објавени повеќе детали од Москва и Киев за неговиот опфат, почетокот на примената и механизмите со кои би се гарантирало почитувањето.