ПРВ.мк
Македонија

Скопје се подготвува за голема промена во превозот: Воз директно до аеродромот

Скопје се подготвува за голема промена во превозот: Воз директно до аеродромот

Изградбата на брзата железничка врска меѓу центарот на Скопје и Меѓународниот аеродром Скопје во Петровец треба да започне напролет, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според најавите, со новата линија патувањето од Новата железничка станица до аеродромскиот терминал би траело меѓу осум и единаесет минути.

Првата делница треба директно да ги поврзе железничката станица и аеродромот, а проектот е дел од поширокиот план за развој на градскиот железнички превоз во Скопје.

Покрај оваа врска, предвидени се уште две линии. Едната треба да минува преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село, додека другата е планирана од Волково преку Ѓорче Петров, Скопје Север и Бутел до Новата железничка станица.

Во план е и изградба на нова железничка постојка кај населбата „11 Октомври – бараки“ во Кисела Вода. Предвидено е и усогласување на возниот ред со линиите на ЈСП, како и поставување места за велосипеди.

Паралелно со инфраструктурата, најавена е и модернизација на возниот парк. Преку Европската банка за обнова и развој се набавуваат пет електрични локомотиви за карго-сообраќајот, додека со поддршка од Светска банка се финализира набавката на четири до шест патнички возови. Новите патнички композиции треба да имаат и посебен простор за велосипеди и домашни миленици.

Засега не е соопштено колку често би сообраќале возовите на идната линија до аеродромот. Според најавата, клучниот следен чекор е почетокот на градежните активности напролет.