Русија изврши нов масовен воздушен напад врз Киев во раните утрински часови, со што, според украинските власти, заврши краткиот прекин на нападите врз главниот град договорен во периодот на посетата на американските претставници.
Според украинското воено воздухопловство, кон Киев за околу еден час биле истрелани најмалку 12 балистички ракети, додека истовремено биле употребени и беспилотни летала. Воздушна тревога била активирана и во повеќе други региони на Украина.
Првите силни експлозии во Киев одекнале околу 3:30 часот по локално време, а десетина минути подоцна била регистрирана уште една детонација. Околу 4:14 часот следувала нова серија од шест последователни експлозии.
Според првичните информации што ги пренесуваат украинските власти, во нападите загинале две лица, а најмалку десет биле повредени. Тројца од повредените биле хоспитализирани.
Во повеќе делови од Киев избувнале пожари, а пријавени се оштетувања на станбени згради, магацини, гаражи и автомобили. Оштетен бил и образовен објект.
Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопштила дека спасувачите евакуирале две лица од оштетена 16-катница, додека уште десет лица биле спасени од петкатна зграда во која останале заглавени по нападот.
Штети биле регистрирани во повеќе киевски реони, меѓу кои Голосеевски, Соломјански, Дарницки, Подилски и Дњепровски.
Нападите не биле ограничени само на украинската престолнина. Воздушни тревоги биле активирани и во други делови од земјата, вклучително и во области значително оддалечени од линијата на фронтот.
Украинското воено воздухопловство претходно предупредило и дека Русија лансирала крстосувачки ракети од стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-160.
Нападот следува по тридневниот прекин на воздушните удари врз Киев, кој Москва го објави во периодот кога американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер престојуваа во украинската престолнина во рамки на дипломатските напори за постигнување мировен договор.
Нивната посета помина без воздушни напади врз Киев, но по заминувањето повторно започнаа нападите со беспилотни летала, по што во раните утрински часови следуваше и комбиниран напад со ракети и дронови.









