ПРВ.мк
Наука/Технологија

Револуција во светот на технологијата: Научници создадоа облека што се облекува сама

Револуција во светот на технологијата: Научници создадоа облека што се облекува сама

Јужнокорејски научници развија иновативна технологија за „паметна облека“ која може речиси самостојно да се облече, без корисникот да мора да ги користи рацете.

Системот е инспириран од начинот на кој растенијата ползавци се движат и се приспособуваат на површината околу нив. Основата на технологијата потекнува од роботската „лоза“ SWAG, развиена од професорката Алисон Окамура од Универзитетот Стенфорд.

Роботот се движи по телото на корисникот и постепено ја повлекува и превиткува ткаенината, овозможувајќи облеката да се намести на телото без класично облекување со раце.

Идејата за ваквата примена ја развил истражувачот Ким Нам-гјун. Тој за Ројтерс објаснил дека инспирацијата ја добил додека возел велосипед и ненадејно го фатил дожд. Тогаш помислил колку би било практично мантилот сам да може да се облече додека човекот е во движење.

Брзината на целиот процес зависи од воздушниот притисок во системот, а според досегашните тестирања, облекувањето може да трае до десет секунди.

Научниците веќе изработиле повеќе прототипови, меѓу кои ракави, панталони, но и облека што го покрива целото тело.

Една од најзначајните потенцијални примени на технологијата е кај лицата со намалена подвижност, на кои секојдневното облекување може да им претставува сериозен предизвик. Во иднина ваквите системи би можеле да им овозможат поголема самостојност.

Технологијата сè уште е во развој, а роботските компоненти засега се видливи под облеката. Сепак, досегашните прототипови покажуваат како решенијата од роботиката можат да преминат од лабораториите директно во секојдневниот живот.

Видео: