ПРВ.мк
Свет

Сериозна закана: Експлозиви поставени во близина на електроенергетската мрежа

Сериозна закана: Експлозиви поставени во близина на електроенергетската мрежа

Германските безбедносни служби се во зголемена готовност откако во источната покраина Саксонија беа пронајдени вкупно 21 импровизирана експлозивна направа во близина на електроенергетската инфраструктура.

Полицијата и обвинителството соопштија дека само во текот на викендот биле откриени уште девет експлозивни направи во близина на високонапонски далноводи јужно од трафостаницата „Грауштајн“, во округот Герлиц. Со последното откритие, бројот на пронајдени направи достигна 21.

Случајот предизвика дополнителна загриженост поради серијата инциденти и сомнежи за саботажи насочени кон критичната инфраструктура во Германија.

Германската полиција трага и по маж за кој се сомнева дека е поврзан со нападите врз електричната мрежа. Според информациите од истрагата, тој преку писма презел одговорност за серијата саботажи, а при претрес на неговиот дом биле пронајдени предмети за кои се претпоставува дека се експлозивни средства. Осомничениот сè уште е во бегство.

Во меѓувреме, властите истражуваат и други инциденти поврзани со електроенергетската инфраструктура. Првичните сознанија за пожарот во трафостаница во Берлин укажуваат дека најверојатно станува збор за технички дефект, додека во западниот град Везел била започната истрага откако било утврдено дека заштитната ограда околу друга трафостаница била пресечена.

Германија во последниот период посветува зголемено внимание на заштитата на критичната инфраструктура, особено по повеќе инциденти кои ги отворија прашањата за безбедноста на енергетските и транспортните системи.