Полицијата во Скопје го расчисти случајот со разбојништво што бил пријавен во текот на ноќта во општина Аеродром, а осомничениот бил лишен од слобода веднаш по пријавувањето.
Според информациите од МВР, на 8 септември во 01:50 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле А.К. (29) од Скопје.
Според пријавеното, 29-годишникот со своето приватно такси возило го превезол Ј.Т. (26), државјанин на Кина, до бараната дестинација. По пристигнувањето, наводно му побарал да плати повисока сума од реалната цена на превозот.
Откако патникот не се согласил да ја плати побараната сума, според МВР, таксистот му се заканил со остар предмет и му одзел пари.
Од Министерството информираат дека по целосно документирање на случајот, ЕВР Аеродром и Драчево ќе поднесат соодветна кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик.







