Голема Британија е најтешко погодена од големата епидемија на салмонела што ја зафати Европа, а од која досега се разболеа повеќе од 340 луѓе. Истражителите се сомневаат дека причина за заразата се увезени јајца, но ја испитуваат и можноста извор да бидат производи од пилешко месо.
Во Велика Британија се забележани најмалку 207 случаи на салмонела, што е најмногу од сите седум погодени земји, а едно лице почина.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), во Холандија се потврдени 106 случаи, во Белгија 15, во Германија шест, во Франција четири, во Австрија два и во Данска еден случај.
Најмалку 34 лица завршија во болница, а меѓу заразените има бебиња помали од една година, но и лица постари од 90 години.
Сумнежот паѓа на увезените јајца
Увезените јајца што се служат во рестораните и кафулињата се сметаат за еден од главните можни извори на зараза во Велика Британија, иако здравствените власти истакнуваат дека точната причина сѐ уште не е дефинитивно утврдена.
Европските здравствени стручњаци исто така истражуваат и производи од пилешко месо како можен извор на инфекцијата, откако мал број заболени во Холандија изјавиле дека пред заразата консумирале пилешко месо. Стручњаците предупредуваат дека се очекуваат нови случаи сѐ додека не се воведат соодветни мерки за контрола.
Како се пренесува салмонелата?
Инфекциите со салмонела ги предизвикуваат бактерии кои често се наоѓаат во дигестивниот тракт на животните, а луѓето најчесто се заразуваат со консумирање контаминирана храна, особено месо, живина и јајца.
Бактеријата може да се пренесе и преку загадена вода, контакт со заразени лица или животни, како и поради лоша хигиена при подготовка на храната.
Салмонелата предизвикува цревна инфекција позната како гастроентеритис, чии симптоми се дијареа, грчеви во стомакот, повраќање, покачена температура, замор и болки во мускулите. Тегобите обично се јавуваат неколку часа или денови по инфекцијата, а повеќето заболени оздравуваат без посебно лекување.
Во потешки случаи бактеријата може да навлезе во крвотокот, поради што е неопходно болничко лекување и примена на антибиотици. Најосетливи се малите деца, постарите лица, бремените жени и луѓето со ослабен имунитет.






