Две огромни ладилни кули од нуклеарната централа Гундреминген во Германија станаа историја за само 15 секунди. Во саботата, точно на пладне, експлозии со 600 килограми динамит ги претворија 160-метарските бетонски џинови во купишта урнатини.
Според операторот RWE, во кулите направени од 56.000 тони бетон биле издупчени дури 1.800 дупки, во кои бил поставен експлозивот. Подготовките за уривањето траеле повеќе од една година, а дождливото време помогнало облакот од прашина да не се издигне високо.
Настанот го следеле илјадници гледачи во живо, а според полицијата, дури 30.000 луѓе се собрале околу електраната за да го видат спектаклот од безбедна дистанца. Инциденти не се пријавени, но паралелно се одржал и протест на поддржувачите на нуклеарната енергија, кои се залагаат за нејзина понатамошна употреба.
Интересно е што урнатините од кулите нема да останат бескорисни – ќе се искористат за изградба на нови патишта.
На местото на старата нуклеарна централа, Германија планира модерна енергетска иднина: веќе следната недела започнува изградбата на огромен капацитет за складирање батерии, нова гасна електрана, како и проширување на соларните полиња во регионот.
Иако централата беше затворена во 2021 година, нуклеарниот отпад сè уште е складиран таму, со дозвола за чување до 2046 година. Гундреминген со години беше една од најмоќните централи во Германија, обезбедувајќи дури четвртина од електричната енергија на Баварија.















