Тајфунот „Долфин“ денеска ја погоди источна Кина, при што властите евакуираа повеќе од еден милион луѓе, а поради силното невреме беа откажани стотици летови. Кинеските метеоролошки власти претходно го активираа највисокиот степен на предупредување.
Центарот на тајфунот стигнал до копното во близина на градот Јухуан, во источната провинција Џеџијанг, околу 17:30 часот по локално време. Во моментот на ударот, максималната брзина на ветерот во близина на центарот надминувала 150 километри на час.
Само во крајбрежниот град Венџоу биле евакуирани повеќе од 900.000 жители, додека биле отворени над 1.000 прифатни центри за населението. Поради невремето биле откажани и речиси 1.400 летови на двата главни аеродроми во Шангај.
Последиците од тајфунот се почувствувале и во Хонг Конг, каде што температурата достигнала рекордни 36,9 степени Целзиусови. Од тамошната опсерваторија објасниле дека високите температури биле предизвикани од топлиот воздух што тајфунот го придвижил кон градот.
Пред да стигне до кинеското копно, „Долфин“ донел силен ветер и обилни врнежи на јапонскиот остров Окинава. Седум лица биле полесно повредени, меѓу кои и маж постар од 100 години, кој паднал и се повредил откако бил соборен од силен налет на ветер.
На Окинава повеќе од 5.000 домаќинства останале без електрична енергија, додека на Тајван биле прекинати повеќе десетици траектни линии и откажани над 180 летови.
Кинескиот Национален метеоролошки центар претходно издал црвено предупредување за тајфунот, што претставува највисок степен на опасност. Во делови од Џеџијанг, како и во Шангај и делови од провинциите Фуџијан, Анхуи и Џиангсу, се очекуваат исклучително обилни врнежи.
Според прогнозите, „Долфин“ постепено ќе ослабне откако ќе навлезе подлабоко во копното и ќе продолжи да се движи кон северозапад низ источните делови на Кина.







