ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ХАОС ПО ФУДБАЛСКИОТ НАТПРЕВАР: Пукотници кон автобуси со навивачи, има ранети!

(ВИДЕО) ХАОС ПО ФУДБАЛСКИОТ НАТПРЕВАР: Пукотници кон автобуси со навивачи, има ранети!

Враќањето на навивачите на аргентинскиот фудбалски клуб Тигре од гостувањето во Уругвај се претвори во вистински кошмар, откако колона автобуси во која патувале беше нападната со огнено оружје. Во инцидентот е ранет 57-годишен навивач, а случајот предизвика силни реакции во аргентинската и уругвајската јавност.

Нападот се случил кратко по завршувањето на натпреварот меѓу Насионал и Тигре, одигран во рамките на првиот дуел од шеснаесетфиналето на Копа Судамерикана. Аргентинскиот тим славеше убедлива победа од 3:0, по што неговите навивачи со организиран превоз го напуштиле стадионот во Монтевидео.

Според информациите, колоната составена од околу 15 автобуси, во кои се превезувале повеќе од 2.000 навивачи, била пресретната на една од главните раскрсници во градот. Напаѓачи кои се движеле со мотоцикл најпрво почнале да фрлаат камења кон автобусите, а потоа испукале десетина куршуми кон возилата.

Иако првично се појавија информации дека има двајца повредени, клубот Тигре и аргентинските медиуми потврдија дека рането е едно лице. Станува збор за 57-годишен навивач кој бил погоден во раката и шаката, но, според лекарите, неговата состојба е стабилна и тој не е во животна опасност.

Повредениот навивач раскажал дека во моментот на нападот бил во автобусот заедно со својата ќерка. Кога ги забележал блесоците од истрелите, веднаш сфатил што се случува и се обидел да ја заштити.

„Во автобусот ги изгаснаа светлата за луѓето да можат да одморат. Погледнав низ прозорецот и видов блесок, па веднаш разбрав дека се пука. Ѝ реков на ќерка ми да легне на подот, а јас се фрлив врз неа за да ја заштитам. Во тој момент еден куршум ме погоди во раката, а друг ми го уништи палецот на левата шака“, изјавил тој.

Уругвајските медиуми пренесуваат дека постојат сомневања оти зад нападот би можеле да стојат хулигански групи поврзани со Насионал, но засега нема официјална потврда, ниту пак се идентификувани осомничени лица.

Фудбалскиот клуб Тигре најостро го осуди нападот врз своите навивачи, оценувајќи дека станува збор за сериозен чин на насилство кој не смее да има место во спортот. Во меѓувреме, надлежните служби започнаа истрага за целиот случај, додека реваншот во Аргентина веќе е означен како натпревар од висок безбедносен ризик.

ВИДЕО

Најнови вести