ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ГОЛЕМА ПРИРОДНА КАТАСТРОФА: Бројот на жртви расте, десетици илјади отсечени по разорните поплави и свлечишта!

(ВИДЕО) ГОЛЕМА ПРИРОДНА КАТАСТРОФА: Бројот на жртви расте, десетици илјади отсечени по разорните поплави и свлечишта!

Силното невреме што ги погоди северните, централните и јужните делови на Чиле предизвика голема природна катастрофа. Според најновите информации, најмалку 10 лица го загубиле животот, додека илјадници жители се погодени од последиците од поплавите, свлечиштата и уништената инфраструктура.

Надлежните соопштија дека повеќе од 2.400 лица се директно погодени од невремето, а над 104.000 жители останале отсечени поради надојдените води, уништените патишта и свлечиштата што ги прекинале комуникациите меѓу населените места.

Во невремето се повредени 17 лица, а 1.168 жители биле евакуирани и сместени во привремени прифатни центри, најмногу во регионите Атакама, Кокимбо и Метрополитенската област околу главниот град Сантијаго.

Властите информираат дека четири лица сè уште се водат како исчезнати. Две од нив исчезнале во регионот Кокимбо, а уште две во регионот Атакама, додека спасувачките екипи непрекинато трагаат по нив.

Материјалната штета е огромна. Целосно се уништени 76 куќи, сериозно се оштетени уште 2.121 објект, а речиси 17.000 домови претрпеле помали оштетувања. Во тек е проценка и на состојбата на дополнителни 888 објекти.

Поради опасноста од нови излевања на реките и активирање на свлечишта, властите продолжуваат со превентивни евакуации на населението. Од почетокот на кризата испратени се 124 предупредувања преку националниот систем за итно известување со цел граѓаните навреме да бидат информирани за ризиците.

Обилните врнежи ја принудија владата да ја прекине наставата во повеќе региони, меѓу кои целиот регион Кокимбо, како и делови од Атакама, Валпараисо и Метрополитенската област.

Чилеанската метеоролошка служба и натаму ги задржува предупредувањата за силни дождови и грмежи, додека околу 138.000 корисници останале без електрична енергија.

Спасувачките тимови продолжуваат со интервенции во најтешко погодените подрачја, вклучително и воздушни медицински евакуации за лицата до кои не може да се пристапи по копнен пат. Во меѓувреме, телекомуникациските компании поставуваат мобилни базни станици за повторно воспоставување на комуникацијата во отсечените населени места.

ВИДЕО