Тешка несреќа го потресе еден камп на хрватскиот остров Крк, откако жена била погодена од гром додека носела чадор за сонце.
Според информациите од хрватските медиуми, ударот се случил во момент кога жената се движела низ кампот. По несреќата, таа веднаш била во критична состојба, но за среќа во близина се наоѓал спасувач кој веднаш реагирал и започнал со реанимација.
Благодарение на брзата реакција, жената добила итна помош на местото на настанот, а набрзо пристигнал и хеликоптер со кој била транспортирана во Клиничкиот болнички центар во Риека.
Таа била примена во болница и сместена на Одделот за интензивна нега, каде лекарите продолжуваат со следење на нејзината состојба.
Очевидец за хрватскиот портал „24сата“ раскажал дека никој не очекувал ваков развој на настаните.
„Жената ја удри гром додека носеше чадор за сонце. Ја реанимираше спасувач кој се најде во близина. Хеликоптерот брзо пристигна и ја пренесе во Риека. Не можев да поверувам дека тоа навистина се случи. За среќа, спасувачот беше блиску и ѝ помогна колку што можеше“, изјавил сведокот.
Инцидентот повторно ги предупредува туристите за опасностите при невреме, бидејќи громовите можат да претставуваат сериозна закана дури и во летни услови и на отворени места.









