Албанските власти воведуваат нов систем за контрола на сообраќајот, со кој полициски дронови ќе ги следат и регистрираат прекршоците на возачите. Според министерот за внатрешни работи Бесфорт Ламалари, целта на оваа мерка е значително да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви во сообраќајни несреќи.
Како што пренесуваат албанските медиуми, со воведувањето на новата технологија се очекува бројот на смртни случаи на патиштата да се намали за дури 45 проценти.
Секој прекршок што ќе биде забележан од дрон ќе биде веднаш проследен до најблиската полициска патрола. Потоа, полицајците ќе го запрат возачот и ќе му ја изречат соодветната санкција согласно законот.
Ламалари најави дека во следниот период дроновите ќе бидат опремени и со камери со вештачка интелигенција, кои ќе бидат распоредени на националните и главните патишта низ државата. Оваа мерка е дел од проектот „Безбеден град“ (Smart City), чија цел е модернизација на системот за следење и контрола на сообраќајот.
Министерот упати апел до сите возачи строго да ги почитуваат сообраќајните правила и предупреди дека нема да има толеранција за оние кои со своето однесување го попречуваат движењето на другите учесници во сообраќајот или предизвикуваат застои на патиштата.
„Неприфатливо е поради неодговорните постапки на поединци да страдаат граѓаните кои ги почитуваат правилата. Законите важат подеднакво за сите и секој е должен да ги почитува без исклучок“, порача Ламалари во видеообраќање.
Тој нагласи дека институциите повеќе нема да толерираат однесување кое го нарушува нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, а примената на современата технологија треба да придонесе за поефикасно откривање и санкционирање на прекршителите.









