Најмалку 60 гости во хотел на југот на Шпанија се пренесени во болница откако од неисправна пумпа за базен во рамки на хотелскиот комплекс истекле отровни гасови.
Поради опасност од акутно труење, 60 туристи морале итно да бидат хоспитализирани во местото Бенахавис, во близина на познатото туристичко место Марбеља.
Претставник на регионалната влада за шпанските медиуми изјави дека, според првичните сознанија, дошло до активирање на заштитниот прекинувач на пумпата под притисок која дозира хлор и киселина во базенот.
Откажале системите за дозирање хлор
Тој објасни дека системите за дозирање хлор и регулација на pH-вредноста престанале со работа поради дефект, додека истовремено започнале да се ослободуваат други гасови.
Според пишувањето на весникот Sur, во блиската болница првенствено биле пренесени деца и постари лица, а базенот во меѓувреме е затворен. Истрагата за настанот е во тек, пренесува швајцарски Blick.
Нов топлотен бран ја зафати Шпанија
Поради екстремните температури, голем број граѓани и туристи спас од жештините бараат на базените. Третиот топлотен бран ова лето зафати поголем дел од Шпанија, а температурите во одделни делови од земјата би можеле да достигнат или да надминат 44°C, соопшти Државната метеоролошка агенција (Aemet).
Највисоки температури се очекуваат на истокот и југот од земјата, додека кантабрискиот брег и Канарските Острови главно ќе бидат поштедени од екстремните жештини, пишува шпански El País.
Од Aemet исто така предупредуваат на висок до екстремен ризик од пожари во поголемиот дел од земјата, додека во одделни области на исток се очекуваат суви бури проследени со грмотевици, град и силен ветер.










