Младите жители на Општина Центар кои се родени во 2007 и 2008 година повторно имаат можност да добијат финансиска поддршка за полагање возачки испит. Општината ги повика сите заинтересирани да аплицираат за еднократна субвенција од 10.000 денари за обука и полагање за возачка дозвола од Б-категорија.
Според информациите од Општина Центар, до 31 јуни 2026 година биле исплатени субвенции во вкупен износ од околу 710.000 денари, а обезбедени се доволно средства за сите заинтересирани кои ќе аплицираат до крајот на годината.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека проектот има двојна цел – финансиски да им помогне на младите и нивните семејства, но истовремено да придонесе за поголема безбедност во сообраќајот.
„Мотото на овој проект е „Вози совесно“, а токму тоа ни е целта – младите навремено да стекнат возачка обука, да бидат добро подготвени и одговорни кога ќе седнат зад воланот. Со оваа мерка не само што им помагаме финансиски, туку инвестираме и во побезбеден сообраќај“, порача Герасимовски.
Право на еднократната субвенција од 10.000 денари имаат младите родени во 2007 и 2008 година. За да аплицираат, потребно е да достават барање, копија од лична карта, трансакциска сметка, доказ за уплата во автошкола и потврда дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.
Од оваа година е воведена и дополнителна можност, средствата да бидат исплатени и на сметката на родителот, доколку тоа биде побарано во апликацијата.
Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар, во барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот. Повикот ќе трае до исцрпување на предвидените средства, а најдоцна до 31 декември 2026 година.









